Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска заедно со меѓународниот секретар на партијата Стефан Андоновски, остварија средба со амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Соговорниците разговараа за актуелната политичка и економска состојба и за актуелните измени за Изборниот законик.
Од страна на претседателот Мицкоски беше потенцирано дека состојбата во државата секојдневно станува полоша, поради високиот степен на криминал и корупција од страна на владата на ДУИ поддржана од СДСМ и поради катастрофалната состојба во економија и осиромашување на граѓаните.
Воедно, во однос на измените во Изборниот законик, Мицкоски го истакна ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека за партијата е се прифатливи техничките препораки и заложби од страна на ОБСЕ/ОДИХР по однос на спроведување на фер и демократски изборите, но потенцираше и дека владата мора прво да се усогласи кој изборен модел им одговара а потоа да се разговара за измените во македонскиот парламент.
Владата треба да се усогласи меѓусебе за тоа кој изборен модел и одговара, па потоа да се разговара во Собранието. Ние сме подготвени да ги прифатиме техничките препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР за да осигураме транспарентни, фер и демократски избори, дециден е Мицкоски.
Соговорниците се согласија средбите и соработката да продолжат и во следниот период.