Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Петровец истакна дека подеднакво загрижувачки се пораките кои стигнаа од Европската Унија, а тоа се дека иднината на Западниот Балкан е се понеизвесна, но и тоа дека дури и до 2030 година не можеме да очекуваме целосна интеграција на Западен Балкан и на Македонија во Европската Унија.

А, се сеќавате дека пред само три години СДСМ не убедуваше дека европската иднина е загарантирана и дека датумот само што не сме го добиле. Се сеќавате на онаа слика од авионот пред три години, ние во суштина три години преговараме и само што не сме станале земја членка, ама ние тоа не го знаеме, тоа е само во главата на вмровците, додека Заев, Османи и Димитров се веќе таму, ама таму се со дебелите паричници со тешко спечалените народни пари – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека не само што со СДСМ нема датум, туку и Македонија ја втурнаа во нова криза во европските интеграции што поради нивниот криминал и заразната корупција ЕУ стана далечна цел.

Се сеќавате, ни викаше излезете за Европска Македонија и ќе имаме бесплатно здравство. Имаше билборди на кои ни порачуваше дека ќе обезбедел бесплатни студии во Европа, 250 илјади евра помош секој ден, 18 милиони евра за реформи во судството и што уште не. Не само што нема ништо од тоа, туку ако може уште воздухот ќе му го наплаќа на народот – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека уште пострашно е тоа што државата на чело со СДСМ нема цел кон која се движи, како и тоа дека со СДСМ нема Европска Унија, затоа што има криминал, сиромаштија и нема систем.

Не може да сме најкорумпирана земја во Европа, а да сме дел од ЕУ – истакна Мицкоски.