Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, остро ја критикуваше дипломатијата на СДСМ и ДУИ, истакнувајќи дека несоодветното управување со историските и државните прашања довело до сериозни последици за земјата.

„Тоа што го направи дипломатијата на свиткана кичма на СДСМ и на ДУИ, нас не доведе во оваа ситуација. Значи нешто што е со векови создавано, што луѓе се жртвувале, имале саможртва итн., тие успеаја за седум години да го распродадат“, вели Мицкоски.

Тој нагласи дека неговата Влада нема да дозволи уставни измени без конкретни обврски од источниот сосед и јасни гаранции од Европската Унија, при што истакна доследно почитување на меѓународното право како предуслов за напредок.

„Никој нема право, ниту пак е фер да очекува дека оваа Влада безусловно ќе го направи тоа, ниту има намера оваа Влада тоа да го направи, додека сум јас претседател на Владата. Тоа треба да е јасно, јас тоа сум го кажал многупати. Ние бараме доследно почитување на меѓународното право, а таму има обврски и нашиот источен сосед. И исто така бараме гаранции и ако навистина ЕУ сака Македонија да ја види во своето друштво, барем малку од тоа што за некои други држави го прави ќе го направи и за нас. И тоа е јасен став“, потенцираше претседателот Мицкоски.