Германските инвеститори во Македонија се задоволни од деловната клима во земјава во последниве неколку месеци. Тие денеска остварија деловен појадок со премиерот Христијан Мицкоски. Од германското стопанско здружение велат дека нивен приоритет во иднина ќе биде да се мотивираат германските инвеститори да дојдат во Македонија, а постоечките да ги прошират своите вложувања овде. Дополнителни можности за соработка има и во делот на наоѓање добавувачи, македонски фирми од преработувачката индустрија.
„Она што е многу важно за нас е изградбата на синџирите на добавувачи. Има многу квалитетни македонски компании кои можат да станат добавувачи на германските компании. Имаме компании кои работат во металопреработувачката индустрија за производство на челик и сметаме дека овие компании можат да конкурираат како фирми добавувачи на германскиот пазар“ – вели Антје Ванделт – Македонско-германско стопанско здружение.
Премиерот рече дека приоритет на Владата е да биде пријател со бизнис заедницата. Тој потенцираше дека добрите статистички индикатори за раст на индустриското производство упатуваат на тоа дека има раздвижување на економијата, тренд што треба да продолжи до крајот на годинава. Мицкоски и Ванделт присуствуваа на старт на две нови инвестиции во изминатиов период. Тој напомена дека во изминатите три месеци договориле 4 нови инвестиции, но дека ќе има уште дополнителни три до крајот на годинава. Тој напомена дека носењето на странски инвестиции ќе значи отворање на нови работни места, подобар и поквалитетен животен стандард, со цел да се постигне силен економски развој на државата, што е еден од најважните приоритети на Владата.
„Да веќе претседателката на Комората најави почеток на две инвестиции кои што изминатиов период заедно присуствувавме и ги отпочнавме. Очекувам во период кој што следи покрај оние четири договорени од почетокот на функционирањето на оваа Влада уште дополнителни три до крајот на годината. Со што драматично ќе се зголеми економската активност и ќе влијаат позитивно на растот на домашниот бруто производ за следната 2025 година, но и за годините коишто следат потоа“ – вели Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Германските инвеститори пред неколку години ја оценија работата на претходната Влада со нула. Сега се задоволни од разговорите и деловниот амбиент кој се подобрува во Македонија. Германија е наш најголем трговски партнер. Двете земји имаат економска размена која надминува 5 милијарди евра.