НАТО и американската армија ќе ја тестираат способноста за побрза и поефикасна прекугранична соработка во случај на напад. Во годишната воена вежба „Avenger Triad 2026“, која ќе се одржува од 6 до 15 октомври, ќе учествуваат околу 2.000 припадници на вооружените сили на земјите членки на Алијансата.
Вежбата ќе опфати простор од северниот дел на Норвешка до Црното Море, изјави претставник на германската армија, цитиран од ДПА.
Генерал-мајор Бјорн Шулц од германските вооружени сили, во седиштето на американската армија за Европа и Африка во Висбаден, објасни дека целта е да се подобри соработката меѓу НАТО и американските сили во Европа.
„Avenger Triad 2026“ нема да биде конвенционална воена вежба на терен. Таа ќе се спроведува во форма на симулации, односно обука за командување и контрола, во која ќе биде вклучена и вештачка интелигенција.
Преку симулациите ќе се тестира како западните вооружени сили можат побрзо и поефикасно да дејствуваат преку националните граници доколку дојде до напад.
Употребата на современи технологии, како и управувањето со комуникацијата во реално време преку мобилни уреди, треба да им овозможат на војниците постојано да располагаат со ажурирана слика за состојбата на бојното поле.
Мајорот Бен Шиф од американската армија изјави дека западните вооружени сили извлекле поуки од искуството на Украина. Тој посочи дека украинската војска, по почетокот на целосната руска инвазија, брзо ги развила своите воени капацитети во областа на беспилотните летала.
