Премиерот ја критикува СДСМ за недостиг на национален консензус
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 оцени дека сегашната опозиција е „меко ткиво“ за оние кои не и мислат добро на Македонија и граѓаните.
„Секој оној кој што не и мисли добро на Македонија и граѓаните ќе бара меко ткиво и тоа го наоѓа во опозицијата во моментот. Тоа го наоѓа во опозицијата, ги слушаме изјавите на челниците на опозицијата во Македонија, кои што никогаш до сега не извлекоа поука од погрешните политики што ги правеа и партијата ја доведоа на тоа ниво, на кое што ја доведоа. Нормално, тоа беше искомбинирано со многу криминал, неработење, неиспорака“, рече Мицкоски.
Премиерот се потсети и на лидерската средба со тогашниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, на која го молел да не го прифати делот за историската комисија и условот за промена на Уставот да бидат дел од преговарачката рамка.
„Јас не бев како сегашната опозиција, јас тогаш барав лидерска средба за да се изгради национален консензус. Дури се сеќавам како денес да беше таа моја последна средба со тогашниот претседател на Владата Ковачевски во Клубот на пратеници, кога го молев буквално да не го прифаќа ова. Дури му реков се што е на маса ќе прифатиме заедно, само немој делот со историската комисија и условот промена на Уставот да влезе во преговарачката рамка. Се друго ќе прифатиме, еве заедно ќе излеземе од овој состанок и подготвени сме ние како ВМРО-ДПМНЕ да прифатиме“, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека со СДСМ сè уште постојат различни позиции, кои ја оневозможуваат изградбата на национален консензус. Тој потенцираше дека лидерот на СДСМ Венко Филипче го информирал дека би ја променил Уставот веднаш доколку може.
„Јас со претседателот на СДСМ имав една средба во Владата кога дојде, кога ја отворивме таа тема и тој јасно кажува дека има различни позиции и дека тој би го сменил Уставот кога би можел уште утре, за него тоа не е никаков проблем. И кога имаме такви различни позиции, јас не гледам како ние би можеле да најдеме консензус. Но, тоа е тоа меко ткиво кој што го има македонскиот идентитет се вика СДСМ. И ние треба да сме мудри и трпеливи, тие ќе измислуваат, напаѓаат со лаги, ние треба да сме концентрирани и јас да знам каде одиме“, заклучи Мицкоски.
