Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Кисела Вода одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали мисли дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото на македонско-бугарската средбата која неверојатно ќе се случи на 22 мај во Скопје, истакна дека или Македонија ќе биде понижена од страна на хегемонистичките барања на Бугарија или ветото нема да биде тргнато.

-Не, не мислам дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото. Или ќе бидеме понижени и омаловажени од страна на хегемонистичките барања на нашиот источен сосед или нема да биде тргнато ветото и тоа е моја позиција, позиција на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Мицкоски.

Тој уште еднаш упати порака до политичарите во Брисел да го исполнат тоа што го ветуваа за Македонија конечно да ги почне преговорите за влез во ЕУ без недостоинствени отстапки.

-Повторно еве ја користам оваа прилика да упатам порака до Европа, до Европската Унија, исто така како што се обединети околу руската агресија во Украина да бидат обединети околу политичката агресија на Бугарија врз Македонија и да ни дозволи конечно да ги почнеме тие преговори без било какви условувања без било какви понижувања и без било какви недостоинствени отстапки, бидејќи јас бев сведок кога истите тие политичари од Брисел ветуваа дека оној срамен Преспански договор е последната отстапка што оваа држава треба да ја направи пред да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во рамките на ЕУ, потенцираше Мицкоски.