Еве сме тука на почетокот на изборната кампања, традиционално во македонскиот Ерусалим, во нашиот бисер, град со чија вредност и минато сите се гордееме, и за чија подобра, нова иднина сите заедно ќе се бориме, рече претседателот на партијата Христијан Мицкоски поздравувајќи ги присутните обединети под слоганот „Создади нова иднина“.
Почетокот на говорот Мицкоски ѝ го посвети на партијата на власт.
Сакам да ви кажам една сатира која ми ја кажа еден пријател, бидејќи знаете ова се тешки времиња и пред да почнеме со реалноста од која на мнозинството граѓани им е преку глава сакав со вас да ја споделам бидејќи неодминливо многу ме потсеќа на партијата на власт и на премиерот:
Отишол Заев во некое населено место и прашал кои ви се двете најголеми потреби во местово, а тие му рекле градоначалникот цел мандат не ни постави канализација и водоводна мрежа, иако ни ветуваше на минатите избори… И Заев го земал одма мобилниот телефон, почнал да врти по директори, министри половина час, жителите се гледаат… Кога завршил Заев со разговорот, им се обраќа пак на жителите и им вика: „Добро, ете првата ја работа ја решивме, која е втората?“
Епа втората, е да добиеме телефонска мрежа за мобилни, овде нема мрежа за никаков телефон.
…Ете така почитувани мои, ќе изгледаат овие избори, и ќе биде сето тоа идентично со претходните, но овој пат нема да може да излажат затоа што сите ги дознаа, сите ги запознаа какви се и знаат дека на ниеден збор не може да им се верува.
Јасно е дека тоа што го кажуваат нема никаква вредност. А тие нека си мислат дека се најдобри и дека се е најдобро. Некој мора да ги разбуди, а најдобро будење за нив ќе се овие избори, кога народот ќе им каже достоинствено и мудро дека не дозволува да биде излажан и потценет повторно, и дека не само што не е најдобро, туку дека полошо не може да биде. Ја знаеме сите реалноста колку е тешка, ја живееме секојдневно. Ја гледам секојдневно низ очите на луѓето со кои разговарам, рече Мицкоски.
Јасно е каква ќе биде иднината ако оваа власт продолжи, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локални избори на 17 октомври.
Ова се навидум обични избори. Но ако се погледне подлабоко, се нешто повеќе од тоа. Од нив зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата држава Македонија. На овие избори или ќе продолжи државата да функционира на ваков начин како изминативе години и ќе бидеме сведоци на уште продлабочена корупција, хаос, не функционирање на системот, отсуство на одговорност, немање правда, социјални и економски проблеми и стагнација на државата, експериментирање во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина, рече тој.
Дали сме подготвени да им подариме уште четири години на истите луѓе кои веќе два пати до сега ги изневерија очекувањата, не го одржаа зборот, даваа лажни ветувања, и потонаа опиени во својата моќ и ароганција, во корупција, играјќи си со вашите животи, праша лидерот на најголемата опозициска партија.
Дали во наредните години премиерот Зоран Заев треба да има повторно апсолутна власт? Дали сметате дека Заев и неговите луѓе се најдоброто што оваа земја го заслужува, или сите вие сте најдоброто и вие сте тие кои знаат да оценат што е најдобро, а што не е? Ако до сега работеа на ваков начин со сите проблеми кои ги создадоа, неправди, измами, неспособност и неодговорност која ја демонстрираа, дали ќе може да очекуваме од нив нешто поразлично, подобра иднина?
Тој нагласи дека разликата меѓу понудите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е непремостлива, јасна, иако власта очајно сака да прикаже дека сите се исти.
Исто така тие сакаат да ве убедат дека тие се најдоброто нешто што може да ви се случи, и дека реалноста во која живеете е розова и најдобра. Дали е тоа така, вие најдобро знаете. Дали живеете најдобро како што тие ве убедуваат? Дали сметате дека со нив ви е најдобро или дека заслужувате подобро од се ова што се случува? Не се сите исти, заврши тој.