Говорот на премиерот Мицкоски го пренесуваме во продолжение:

За нас претставува навистина голема чест и задоволство што денеска заедно со министерот за економија и труд, заедно со заменикот, директорот на Пазарниот инспекторат, со претставниците на Стопанските комори, што е многу важно, со претставниците на синдикатите, значи на едно исто место беа и работодавачите и работниците. Во присуство на производителите и дистрибутерите, повторно на едно исто место беа и производителите и дистрибутерите, направивме нешто што досега можеби никогаш не е направено, а тоа е дека сите заедно ние разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис во којшто сите страни се согласивме дека во периодот од 15-ти декември до 15-ти јануари цените на одредени производи, а тоа се повеќе од шестотини артикли, ќе бидат намалени и брендирани како што беше до сега, помалку трошоци повеќе за тебе, и се грижиме. Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин ќе можат и граѓаните сето тоа да го препознаат. Нормално ова не е направено со интервентна мерка од страна на Владата, не е направено со ограничување на цените, туку е консензуално решение и поради тоа нема да има за ова казнување, се разбира, туку ќе има само мониторинг на тоа дали на сите тие производи ќе бидат залепени сите овие налепници за коишто зборуваме за да биде визибилно за граѓаните, за да можат тие да ги препознаат овие производи. И покрај овие еден месец дена колку што планираме сето ова да функционира беспрекорно, ќе повторам повеќе од 600 производи артикли, кои што се добиени по основ на консензус помеѓу сите овие страни за кои што зборував, очекувам и понатаму да продолжиме заеднички да бидеме општествено одговорни за овие тешки моменти, заеднички да работиме да помогнеме на македонските граѓани, на македонската економија, стандардот на македонските граѓани и на тој начин да има повеќе за секого. А ние како Влада да се грижиме, бидејќи тоа е многу важно затоа што оваа Влада од самиот почеток, еве веќе шести месец откако е избрана има за цел да се грижи за стандардот на граѓаните и државата генерално за да се вратиме на оние победнички патеки каде што и во суштина припаѓаме.

Така што еве јас тука да сумирам, очекувам успешна акција, очекувам ниски цени во очи на новогодишните празници, и очекувам среќни граѓани и полна трпеза за време на празниците кои што следат.