Околу 6,512 милијарди денари се исплатени годинава за финансиска поддршка во земјоделството, од вкупно предвидените 7,295 милијарди денари, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски. Според него, со тоа се реализирани околу 90 проценти од планираните средства. Покрај исплатата на тековните субвенции и расчистувањето на старите долгови, тој најави и засилени проверки за да се спречат злоупотреби на поддршката наменета за земјоделците.
Серафимовски зборуваше на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, одговарајќи на пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ, која побара информации за динамиката на исплатата на земјоделските субвенции.
Златеска посочи дека земјоделството обезбедува егзистенција за илјадници семејства и домашно производство на храна. Нагласи дека за земјоделските семејства, покрај откупот и цената на родот, подеднакво е важно и кога ќе ги добијат средствата што им следуваат.
– Земјоделството е егзистенција за илјадници семејства. Тоа е домашно производство на храна. Тоа се цели семејства кои зависат од тоа дали нивниот род ќе биде откупен, по која цена ќе биде откупен и подеднакво важно кога ќе ги добие средствата што им следуваат – рече Златеска.
Според пратеничката, субвенциите не може да се третираат само како ставка во државниот буџет, затоа што од нив зависи набавката на материјалите потребни за земјоделското производство.
– Затоа секогаш кога зборуваме за субвенциите мора да имаме предвид дека не зборуваме само за буџетски средства. Зборуваме за пари, кои за еден земјоделец значат набавка на семе, ѓубриво, гориво и заштитни средства – рече таа.
Во одговорот, Серафимовски истакна дека од преземањето на министерската функција на 13 јули годинава биле спроведени седум одделни исплати, во вкупна вредност од 1 милијарда и 227 милиони денари.
– Земјоделците од државата очекуваат навремена исплата, а не нови оправдувања. Затоа, откако ја презедов функцијата на 13 јули оваа година, реализиравме седум одделни исплати во вкупен износ од 1 милијарда 227 милиони денари – рече министерот.
Образложувајќи ја распределбата на средствата, тој наведе дека 1.159 одгледувачи на кози добиле 85,7 милиони денари, а на 4.284 одгледувачи на говеда им биле исплатени околу 372 милиони денари. Околу 13 милиони денари добиле и производители на тутун кои претходно биле ставени под контрола поради здравствени барања.
– На 23.874 полјоделци им се исплатени приближно 462 милиони денари, а на 10.754 производители на градинарски култури околу 217 милиони денари. Органското производство го поддржавме со две исплати во вредност од околу 77 милиони денари – нагласи Серафимовски.
Министерот посочи дека истовремено со тековните исплати се расчистуваат и заостанатите обврски од претходните години. Според него, кога Владата ја презела одговорноста во 2024 година, во системот сè уште имало неплатени обврски што потекнувале од 2020 година.
– Кога оваа Влада ја презеде одговорноста во 2024 година, во системот имаше неисплатени обврски уште од 2020 година. Старите долгови не ги користиме како оправдување, туку ги затвораме паралелно со тековните обврски – рече тој.
Осврнувајќи се на контролата на доделената поддршка, Серафимовски најави засилен надзор. Како што наведе, досегашните проверки покажале нереални приноси, неправилности кај дел од земјоделските стопанства, како и злоупотреби во сточарството.
– Нема да дозволиме парите на вистинските земјоделци да завршуваат кај ловците на субвенции. Секој денар од буџетот ќе следи за реално производство, а секоја утврдена злоупотреба ќе повлекува одговорност – нагласи министерот.
За поефикасно утврдување на пријавените површини и производствените капацитети, тој посочи на теренските контроли, вкрстувањето на податоците и употребата на сателитски снимки. Според Серафимовски, целта на овие механизми е да се заштитат земјоделците што навистина произведуваат.
– Засилената контрола не е насочена против земјоделците, туку во нивна заштита. Секој исплатен денар за непостоечка површина, нереален принос или грло што фактички не постои значи помалку средства за оние што навистина произведуваат – рече Серафимовски.
