Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното негово обраќање на политичкиот саем „Саем на промени што носат иднина” кој го организира ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се чувствуваат промените и тие промени покажаа дека може поинаку.
-Пред точно една година кажав дека добиената обврска од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата.12 месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може чесно, рече претседателот Мицкоски.
Претседателот Мицкоски во текот на своето обраќање укажа сите овие дела се постигнати и покрај сите опструкции од страна на централната власт.
-Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате. И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со катадневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми. И ова не го кажувам да се оправдам за што било, туку да кажам дека ваквите неправди нè мотивираа да работиме повеќе и постојано. А тоа го потврдуваат резултатите, додаде Мицкоски.