Очекувам сите парламентарни политички партии да ја поддржат резолуцијата без разлика дали се ДУИ, Алијанса, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица или коалициските партнери. Оваа резолуција ги содржи македонските црвени линии и затоа е потребно да застанеме во интересите на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Мицкоски истакна дека резолуцијата не е на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа е заеднички документ кој го дадоа МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА Јустинијана прима и партијата намерно не интервенираше во содржината за да има автентичност тој документ и да биде семакедонска резолуција.
Под семакедонска не мислам само на македонскиот народ, туку мислам на македонската нација, сите кои се жители во Македонија нека ја поддржат. Оваа резолуција е ваква затоа што станува збор за македонскиот идентитет, нагласи Мицкоски.
Во однос на негодувањата зошто не биле други етнички заедници застапени, Мицкоски вели дека оваа резолуција е ваква затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот народ, на турскиот, српскиот, туку само на македонскиот.
Од страна на Бугарија се задира во македонскиот идентитет, на македонскиот народ, посебност, култура, традиција, јазик., потенцираше Мицкоски.