Мицкоски дециден – Владата најавува засилени контроли против енормните поскапувања
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати остра порака до трговците кои, според него, неодговорно ги зголемуваат цените на производите, нанесувајќи директна штета на граѓаните и економијата.
„Ова не е само економски проблем, туку и напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Владата останува целосно посветена на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои го погодуваат животниот стандард“, порача Мицкоски во објава на Фејсбук.
Средба со институциите и наредба за итни контроли
Денеска премиерот одржа состанок со претставници на Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик министерот за економија и директорот на Пазарната инспекција.
Граѓански бојкот на маркетите во петок: Се шири отпорот против високите цени
Тој наложи итни контроли и засилена реакција на терен за да се спречат евентуални злоупотреби.
„Институциите имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите што ќе се фатат во незаконски практики“, истакна Мицкоски.
Мицкоски со поддршка за граѓанскиот бојкот
Премиерот го разбира граѓанскиот отпор преку најавениот бојкот на маркетите, посочувајќи дека станува збор за легитимен одговор на монополското однесување и неоправданите поскапувања.
„Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано“, предупреди Мицкоски.
Ригорозни мерки против злоупотребите
Владата најавува засилени инспекции, санкции и транспарентност во следниот период. Според најавите, нема да има толеранција за трговци кои ги изигруваат правилата и ги оштетуваат граѓаните.
„Заедно ќе се спротивставиме на сите што мислат дека ќе се богатат на наша сметка“, заклучи премиерот.