Јас од кога почнав да се занимавам со политика тврдам – На македонското прашање му е потребна енергија и на Македонија и е потребна долгорочна стратегија за развој со сопствени сили. И сметам дека денес дојде денот да го обзнаниме тоа и да отпочнеме еден сериозен проект, oбјасни во својот говор премиерот Мицкоски.
Тој иницираше проект кој владата ќе проба да го договори со Македонската Академија на Науките и Уметностите и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050 година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму.
Сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Ние мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. Таков консезус, за жал ни недостасува сите овие години. МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но овојпат, мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на целите и приоритетите. Сега знам дека некој во јавноста ќе почне да зборува за ваква или онаква академија, па затоа ова го кажувам. Науката и стратегијата не смее да се етнизираат. На граѓаните на оваа земја потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден.
Премиерот нагласува дека ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното тогашно име, според познатата стратегија на Глигоров, дека времето работи за нас.
Не велам дека беше неисправна, сигурно имале причина зашто правеле така. За да не доаѓа до такви моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше во деведесетите години? Каде ќе беше денес Македонија? Јас не викам дека јас сум најдобар, напротив сакам да учам, буквално да учам секој ден се повеќе и повеќе, самиот си увидувам грешки па се трудам да ги исправам, сакам да слушнам различни мислења и охрабрувам дебата, верувам во демократијата и во потенцијалот на демократијата, но истовремено сакам да ги соберам најдобрите и заедно да работиме, да одиме, сите, без разлика на нашата припаднос или неприпадност, верска или етничка, да одиме напред.
Луѓе сме, знаеме понекогаш и да погрешиме, подвлече премиерот.
Но уште повеќе грешно ќе биде ако кога сме констатирале дека сме погрешиле, не се корегираме. Сите оние кои кои ќе признаат дека грешат бескрајно ги почитувам. Потекнувам од универзитетската заедница и знам што значи титулата која ја имаат сите оние кои ги повикувам да се вклучат во овој проект. Од нив може многу да научиме и тие се духот на нашата земја и дел од нашиот идентитет. Секоја Академија на науки од соседството соработува со својата државата, и придонесува кон градење на стратегиите на државата, нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност.
Еве да ја почнам јавно дебатата кон која треба да се насочиме: Во наредните 70 години сме на добар пат да исчезнеме. Тоа е една генерација од сега.
Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема?, праша премиерот.
Според анализите на Стратфорд од земјава до 2050 година ќе има 400 илјади луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата? Населението кое се иселува е работоспособно.
Сериозни држави планираат со десетици и стотици години нанапред.
После договорот за Хонг Конг и Британците и Кинезите излегле среќни. Кога ги прашале британците зошто се радосни, тие одговориле во наредните 100 години Хонг Конг ќе биде наш, а кога ги прашале Кинезите зошто сте вие радосни, тие рекле, после 100 години Хонг Конг ќе биде наш. 100 години оттогаш одамна поминаа. Хонг Конг е повторно кинески. Историјата може многу да не научи и стратешкото разислување и планирање може и мора многу да ни помогне во периодот кој следи за нашата држава.
Кој ако не МАНУ, со најголемите умови треба да изнајдат лек за ова и во дефинирање на најголемите предизвици во иднина на државата.
Како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам од нив повеќе од пола во администрацијата. Кој ќе ја одржува таа држава? Знае ли некој од овие кои досега ја воделе – каде државата како целина??? Размислил ли некој и отворил дискусија за клучните прашања за оваа држава? Демографија со миграцијата и наталитетот? Вредностите кои треба да ги имаме? Приоритетите кои мора да ги решаваме. Како да посадиме денес, за идните генерации да жнеат плодови. Дајте да дефинираме што а најважно, кои се нашите приоритети и да одиме напред. Како влада имаме јасен план што да правиме во својот мандат. Имаме програма, имаме генерална стратегија и ги имаме предвид овие работи кои ги спомнувам при носењето одлуки, но искрено се сомневам дека има уште многумина што размислува на овој начин. Овдека еден од главните проблеми е политиката купи дн продај. И толку. Никој не размислува стратешки и долгорочно-заклучи премиерот.