Владата и УПОЗ разгледаа услови и правила за новите плати
Премиерот Христијан Мицкоски, ја оцени денешната средба со УПОЗ како конструктивна и истакна дека Владата ја презентирала својата понуда за покачување на платите на административните службеници за 40 проценти. Сега, како што додаде, се очекува одговор од синдикатот дали ја прифаќа предложената рамка.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред. Тие исто како и претставниците од КСС рекоа да се консултираат со раководството во рамките на својата синдикална гранкова единица и потоа во текот на утрешниот ден ќе не информираат. И доколку е се во ред, тогаш во недела би требало конечно да се согласиме, и од понеделник да почне изготвувањето на т.н. темплејт односно примерок како би изгледал тој индивидуален синдикален договор и понатаму нормално тој во различни работни единици ќе се усвојува и врз основа на тоа ќе започне исплатата на платите во април, за мартовска плата оваа година, која би опфатил 8 процентно зголемување на збирот од сегашната плата зголемена за минималната плата што треба да се нивелира. Истото ова би се реплицирало во 2027 година и во 2028 година. Што значи дека за отприлика за 2 години и 2, 3 месеци од сега, административните службеници, тие кои што не добиле, како што добија некои од нив во минатото, ќе имаат минимално 40 проценти поголема плата, споредено со денешното ниво“, посочи Мицкоски.
