Очекував, да бидам искрен, дел од потенцијалните кандидати да ги соберат побрзо потребните 10.000 потписи, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Сител во Тема на денот.

Мицкоски додаде дека иако некои од кандидатите воделе кампања и се нарекувале дека се фаворити во трката за претседател на државата и по 5 дена не можат да ги соберат потребните потписи.

-Има некои од кандидатите за кои што со недели се водеше кампања дека ќе бидат фаворити во трката за претседател на државата, но гледаме еве и после 4-5 дена тешко оди собирањето и практично официјалната кандидатура на тие кандидати, истакна тој.

Мицкоски нагласи дека владејачките партии помагаат на одредени кандидати за претседатели на државата со собирањето на потписите, и со тоа практично наместо да се натпреваруваат, тие се опозиција на опозицискиот кандидат.

-Има и такви примери каде што владејачките партии собираат потписи за некои од кандидатите. Тоа е и целта на некои од кандидатите, не да се натпреваруваат да бидат претседатели или претседателски кандидати, туку да бидат практично опозиција на опозицискиот кандидат. И тоа е целта на власта, додаде Мицкоски и порача:

„Но, мислам дека е препознаена од народот и дека ќе биде неуспешен тој обид“.