ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството на партијата заедно со структурите во партијата, членовите и активистите. ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, својот легитимитет го црпи од народот, а не коленичејќи на црвени дебели персиски ќилими низ светот, туку заедно со народот како што беше и денеска и ВМРО-ДПМНЕ врз основа на тој легитимитет за неколку месеци од денеска ќе ја формира новата влада, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Општина Новаци, одговори на новинарско прашање околу пропагандата која ја води СДСМ дека друг ја води ВМРО-ДПМНЕ.

Тој исто така истакна дека тоа беше лажна кампања на СДСМ скоро половина деценија, но се распрсна како меур од сапуница.

„Тоа беше лажна кампања скоро половина деценија на оние кои се мајстори за лажни вести, а тоа е СДСМ, која што се распрсна како меур од сапуница и нивната петарда сега пукна во нивната рака и сега се немоќни како да се справат со тоа. Претпоставувам ќе измислат нешто, но она кое што можам да им го посакам е да извлечат поука од овие нивни погрешни политики изминатава повеќе од пола деценија, во опозиција да се реструктурираат, вистинските патриоти во СДСМ да дојдат на вистинските места и повторно да се борат за Македонија, бидејќи сепак СДСМ е политичка партија која што е стожерна партија, барем во деведесетите години, иако во последните години го изгуби тој епитет. Ценам дека ова за нив ќе биде едно добро и непроценливо искуство коешто ќе можат долги години во опозиција да го користат за да се реструктурираат за да еден ден можеби бидат посериозен кандидат за да бидат коалиционен партнер во некоја идна влада“, потенцираше Мицкоски.

За тоа дали измените на КЗ може да бидат карта за уставните измени, Мицкоски истакна дека ниту имал, ниту ќе има тајни средби на кои би се договарало нешто коешто може да биде на штета на Македонија, како што тоа го правел некој во минатото.

„Слушнавте од Али Ахмети кој е тој кој што имал тајни средби и кои се тие кои што имале тајни средби. Слушате од меѓународни медиуми, кредибилни извори, кои се тие кои што ја делеле парчеле Македонија, но истовремено ја уривале правдата и чувството за правдина на Македонија. Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ никогаш немам намера позади завесата да договарам и да преговарам ништо коешто ќе може да биде штета на македонскиот идентит, на македонските граѓани и на Македонија како држава. Сѐ што бараме како политичка партија го кажувам јасно и гласно и го кажувам јавно“, истакна Мицкоски.