Во денешното гостување во Вестите на Сител телевизија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека владеачката коалиција е нервозна и се соочува со раскол и проблеми во изборот на кадри за кандидати за градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ покажува дека е реформирана партија која нуди многу нови кадри за престојните локални избори.
-ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, реформскиот процес завршува веднаш по овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ е партија која обединува и партија која широко го зафаќа политичкиот амбиент во Република Македонија, а со објавената коалиција со Алтернатива и Алијанса продолжуваме да се окрупнуваме, посочи Мицкоски.
Тој вели дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе ја делегитимира владеачката коалиција, а потоа следи ново парламентарно мнозинство, кое ќе ги решава акутните проблеми како криминалот, корупцијата, отсуството на реформи, бидејќи тоа им е потребно на граѓаните.
-Ниските страсти на преплашената коалиција на власт ги сфаќаме како предизборен фолклор којшто излегува од кујната на СДСМ, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи исто така дека СДСМ доживува раскол изминатиов период по кој сеуште не можат да ги дооформат листите за кандидати за градоначалници.