– Доколку има нови докази, да има ново судење и обвинетите да докажат дека за она што се судени, нема докази. Меѓу обвинетите има полициско лице што е школувано да го брани уставниот поредок од своите средношколски денови, па сѐ до моментот кога е осуден и сега е во затвор. Ова лице кога почна судењето е ставено во куќен притвор. Обвинителството се жали и судот прифаќа притвор, без притоа да му даде можност на бранителот да објасни и да се жали. За овој процес му се нарушени човековите права и постои жалба пред ЕСЧП во Стразбур, која е прифатена, што значи дека има индиции дека му се повредени правата. И најверојатно, пресудата што ќе биде досудена, ќе биде во насока на тоа дека му се нарушени човековите права, посочува МИцкоски.

Тој додаде дека истата таа Русковска, во едно друго интервју околу 27-ми април кажа дека се случила амнестија во Парламентот за други лица што беа осомничени, а некои и обвинети, а потоа беа ослободени со политички договор.

– Сега таа се премислува и вика тие беа ослободени заради повисока цели. Ако мисли за да гласаат за уставни измени, тоа е нешто друго. Таа нема кредибилитет. Јас не сум ниту судија, ниту обвинител. Ама, ако обвинителката љуби да биде медиумска ѕвезда и да ги брани своите ставови, кои се неодбранливи, треба да биде свесна дека ќе наиде на реакции во јавноста. Не мора да сум јас, може да бидат социјалните медиуми. Сепак, не може ниту прагот на толеранција на политичарот да биде бесконечен. Таа нема морално право да ме критикува. Се сеќавам ми пишуваше и пораки, ќе ме викнела, ќе ме сослушала. Еве поминаа две години за еден друг случај, ниту ме викна, ниту ме сослуша. Значи брутално ја лажеше македонската јавност и има проблем со моралниот интегритет. Но, таа си знае на што мислам и нема да ја коментирам повеќе, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека моменталната состојба е што поминаа три месеци од второстепената пресуда, а таа не им е дадена на обвинетите да ја обжалат и да побараат вонреден правен лек пред Врховниот суд.