Ако мисли дека со тоа што номинира лице коешто е релативно непознато за јавноста и дека на тој начин јавноста ќе заборави дека 52 месеци се тие власт и дека 52 месеци ја пљачкосуваат, понижуваат и распродаваат Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за порталот Плусинфо, одговарајќи на прашањето кој е неговиот став околу промената во врвот на СДСМ и владата.

Мицкоски истакна дека не смета дека името кое што се спомнува како можен наследник на Заев, Димитар Ковачевски е некој значаен и квалитетен чекор, со оглед дека истиот како актуелен заменик министер за финансии не може да се пофали со ниту една брилијантна реформа во сферата на монетарната политика, туку напротив како што рече тој доколку се погледне дефицитот изнесува повеќе од 500 милиони евра, нагласувајќи дека долгот е се поголем, економијата е ужасна, а капитални инвестиции нема, што не е случај со земјите од соседството.

Како гарнитура на власт која четири и пол години владее со Македонија, таа прави уште еден неуспешен маневар, кој има за цел да направи едно фино приземјување надвор од политиката и брза евакуација и дислокација на сето тоа што е ограбено досега. Секако е дека е и обид да се сокријат сите незаконски дејанија што Заев ги правеше во изминатиов период. Не мислам дека од ова ќе излезе значаен и квалитативен исчекор, бидејќи овој човек (Ковачевски) досега беше заменик-министер за финансии и ние во тој период немаме некаква брилијантна реформа во сферата на монетарната политика, напротив доколку го погледнете дефицитот ќе се уверите дека изнесува повеќе од 500 милиони евра, реализацијата на капиталните инвестиции е катастрофална, на висина од 250 милиони евра, што значи дека имаме двојно повеќе дефицит од капитални инвестиции. Долгот е сè поголем, економијата е ужасна, а на ниско ниво се и директните странски инвестиции, како во ниту една земја од регионот. Албанија, Косово и Србија се далеку од Македонија по глава на жител. Така што, овој политички маневар, уште еднаш ќе повторам, го ценам само како обид да се навреди интелигенцијата на овој народ и обид да се влијае врз гласачите, со цел да се заборави на тоа што оваа Влада ѝ го има направено на земјава во изминатиов период, посочи Мицкоски.