На власта и е важен кој ќе биде надзор на коридор 8 и 10а, за да може да потпишува што ќе му кажат тие, а не реално што се случува на терен, односно да може да си наддаваат количини кои потоа ќе ги плаќаат граѓаните, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата на Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање поврзано со скандалот со шпанската фирма Ептиса.
– 22 милиони евра е тендерот за супервизија, за надзор на проектите поврзани со коридор 8 и 10а којшто го добива Конзорциум од една фирма во која што е и шпанската Ептиса. Би сакал да потенцирам како се случило. Владата во ноември 2020 година носи заклучок во кој им дава насока на општините и државните институции да не потпишуваат договори надзор за проекти поголеми од 1 милион евра со шпанската компанија Ептиса поради неетичко, незаконско однесување, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во 2021 година во ноември, 4 месеци по поминувањето на специјалниот закон во парламентот, министерството за транспорт и врски ја надсинхронизира владата и му дава позитивна референца на овој правен субјект кој потоа со изменет ревизорски извештај го добива тендерот.
– Да потоа се објави тендер за надзор на ЈП за државни патишта каде што е кадар на ДУИ и 7 дена пред истекот на рокот за поднесување на пријави ја менуваат суштински тендерската документација. Односно претходно ревизорскиот извештај го менуваат делот кој треба да биде позитивен и останува само да биде ревизорски извештај и останува рокот од 7 дена. И избран е Конзорциумот во кој дел е шпанската Ептиса, потенцира Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека вкупниот договор е во вредност од 22 милиони евра затоа што проектите кои се предвидени да бидат дел од коридорот 8 и 10а, бидејќи нема проект, таму ќе се плаќа врз основа на затекната ситуација на терен и зависи колку ќе прифати надзорот.
– Затоа на власта им е важно кој ќе биде надзор за да можат да наддаваат количини и од првичната цена од 1,5-1,7 милијарди не би ме зачудило да дојде до 2 или 2,5 милијарди кои ќе ги плаќаат граѓаните. Затоа им е потребен тој надзор, да потпишува тоа што ќе му кажат од владата, а не тоа реално што се случува на терен, изјави Мицкоски.