Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, извршија увид на градежни активности во индустриската зона – Таринци, каде беше дадена и изјава за медиумите.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како гледа на новото задолжување од 900 милиони евра кое го најави Владата, Мицкоски истакна дека власта ветуваше европска иднина, но граѓаните добија должничко ропство.
-Ни ветуваа европска иднина, бесплатни здравство, не знам какво образование кое што континуирано паѓа, а добивме должничко ропство. Се чудам само каде заминаа тие пари, а најверојатно се во тие тендери кои се договараа во четири очи. Тоа можам само да кажам. Наместо европска иднина добивме должничко ропство, потенцираше Мицкоски.
Запрашан за забелешката од власта дека не е домаќински во време на криза да се организираат избори, Мицкоски истакна дека недомаќински е тоа што луѓе во власта на криминален начин се наполнија со пари, а за да се излезе од кризата и државата да се подготви за она што претстои во есента и зимата како што тоа го прави цела Европа, потребни се предвремени избори бидејќи луѓето кои се на власт немаат капацитет да го направат тоа.
-Домаќински ли беше да се закажуваат локалните избори во Центар Жупа и во Маврово и Ростуше без консултација со опозицијата ако знаевме дека тие нема да успеат како што и не успеаја. За кои домаќини зборуваме? За овие што се наполнија со пари на криминален начин на грбот на народот, за тие ли домаќини зборуваме. Тие се сѐ само не домаќини. Тие се расипници, но не на своите пари, туку на парите и на маката на граѓаните. А дали треба да се организираат избори? Избори треба да се организираат час поскоро за да излеземе од оваа криза. Денеска Европа се подготвува за есента, се подготвува за зимата. Веќе е мај месец и за четири месеци ќе ни дојде есента а за шест месеци од денеска зимата. Дали вие слушнавте некој од Владата денеска да каже што презема за тоа што ќе не очекува за четири месеци од денеска? Еве, јас ќе ви кажам. Не можете да слушнете затоа што овие луѓе немаат капацитет. Нивниот капацитет е да обезбедат што поголема моќ за себе и што повеќе тендери во четири очи, а сето останато е оставено на народот да се снаоѓа кој како умее. Е тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, партија од народот и ќе дадеме сѐ од себе на овој народ да му помогнеме а така ќе ѝ помогнеме на Македонија, нагласи Мицкоски.