Мицкоски: Македонското прашање не е затворено додека не станеме полноправна членка на ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговори на реакцијата на грчкото Министерство за надворешни работи, кое оцени дека „македонското прашање е затворено“. Мицкоски изјави дека прашањето нема да биде затворено додека не се реализираат главните стратешки цели на земјата – полноправно членство во Европската унија.
Мицкоски ова го изјави веднаш по неговото враќање од Америка каде беше единствен лидер од Балканот кој беше на инаугурацијата на старо-новиот американски претседател Доналд Трамп.
Реакција на изјавата од Грција
Мицкоски изрази сомнеж во мотивите зад грчката реакција, додавајќи:
„Не знам каде се препознале, дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста. Македонското прашање никогаш нема да биде затворено додека нашите главни стратешки цели не се реализираат.“
Македонскиот идентитет и човековите права
Мицкоски потенцира дека македонскиот идентитет сè уште е подложен на предизвици, дури и во 21 век. Тој истакна дека Европскиот суд за човекови права има донесено повеќе пресуди кои се однесуваат на правата на македонската заедница во Бугарија, но дека тие пресуди не се почитуваат.
„Зборуваме за членка на Европската унија која што не ги почитува човековите права на македонската заедница, и тоа е сериозен проблем,“ додаде тој.
Посветеност на македонското прашање
Премиерот нагласи дека македонското прашање е негов главен приоритет и додаде:
„Би било неодговорно, несериозно и издајнички од мене да кажам дека македонското прашање е затворено. Ќе се борам за македонското прашање сè додека ја извршувам оваа функција.“
Мицкоски ги повика граѓаните да имаат доверба во Владата, која, според него, го поставува македонското прашање како врвен приоритет.