-Ние имаме членови од сите етнички заедници, Македонија за сите луѓе – тоа е кампања која што ВМРО-ДПМНЕ ја водеше. Нормално секој кој што има амбиција и квалитети и компетенции да работи за Македонија,а не како оние министри кои што се срамат да кажат дека се македонски министри и кои што се срамат да застанат пред македонското знаме, се добредојдени и јас лично ги охрабрувам и веќе имам со неколку десетици такви Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи разговори да се најдат на пратеничката листа на идната победничка коалиција која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ со минимум 61 освоен пратеник, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски при посетата на општина Кисела Вода во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“
Мицкоски додаде дека една изборна единица не зависи од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа не зависи од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ го поддржува тоа и затоа го повикувам еве и Љупчо Георгиевски, и Маја Морачанин, Павле Трајанов и овој министеров за локална самоуправа Горан Милевски и останатите. Тоа што си е го ветија пред граѓаните, пред народот, тие велеа ако немаме една изборна единица ќе ја напуштиме Владата. еве помина април месец и тоа беше крајниот рок, а денеска сме 14-ти мај, две недели потоа, а нив ги нема никаде, ни да гукнат ни да бекнат. Мила им е власта, привилегиите им се мили, народот тоа го плаќа за жал, но не сфаќаат дека секоја работа има свој почеток и крај. Така што колку побргу сфатат дека крајот доаѓа, толку полесно ќе паднат. Колку повеќе се инаетат, толку потежок ќе им биде падот, нагласи Мицкоски.