Еден ден по изборите, Грција се подготвува за уште едно гласање кое би можело да ѝ овозможи на партијата на премиерот Киријакос Мицотакис сама да управува со земјата, пренесува „Еурактив“.
Резултатите од изборите во Грција покажуваат убедлива победа на Нова демократија, но Мицотакис сака уште едно гласање за да добие „бонус“ од 50 места во парламентот. Тој претходно изјави дека Нова демократија бара само еднопартиска влада.
„Сметам дека ми е должност што поскоро да ја надминам пречката за формирање влада во форма на едноставен пропорционален изборен систем и имам намера да го вратам мандатот попладне за да можеме да одржиме втор круг избори, евентуално на 25 јуни“, рече Мицотакис.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу сега ќе ги покани лидерите на втората и третата партија на консултации за создавање коалициска влада. Ако не можат да се договорат, тогаш таа ќе ги собере лидерите на сите партии во обид да формира министерски кабинет. Во случај и тоа да не успее, парламентот ќе се распушти, ќе се именува привремена влада и ќе се одржат нови избори.
Конзервативната Нова демократија освои 20% повеќе гласови на изборите во неделата од Сириза предводена од левичарот Алексис Ципрас. Најголемиот број од гласовите се преброени и според досегашните податоци, Нова демократија освоила 40,8%, а Сириза 20,1 отсто од гласовите.
Грчкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека Нова демократија би можела да освои 145 места во парламентот, што е само шест помалку од апсолутното мнозинство. Резултатите од гласањето се во тотална спротивност со предизборните анкети во Грција кои предвидуваа потесна разлика.
Ова е најдобриот резултат на конзервативците во последните 14 години, но тие сега сакаат нови избори на крајот на јуни.
„Гласачките ливчиња кажуваат се. Тие покажуваат дека Нова демократија ја доби довербата на народот да владее, да биде силна и автономна. Милиони грчки граѓани гласаа за Нова демократија. Одличниот резултат ја покажува волјата на народот кој ни дал согласност за политичка независна влада. Народот побара нешто повеќе – да се движи побрзо на патот на напредокот и големите реформи“, рече Мицотакис, според грчкат редакција на Си-ен-ен.
Мицотакис изјави дека резултатот од првиот круг е „политички земјотрес“ во Грција и голема победа која ги надмина дури и очекувањата на партијата, но бидејќи нема апсолутно мнозинство, Мицотакис сега може или да коалицира или да бара уште едно гласање.
„Од утре ќе се бориме заедно за на следните избори Нова демократија да може да се потпре само на себе. Ќе продолжиме напред, храбро и стабилно, за да го завршиме денешниот важен чекор и да бидеме конечни победници. Грција сака силна влада“, истакна тој.
И Ципрас ја поддржа идејата за уште еден изборен круг, велејќи дека изборниот циклус сè уште не е завршен.
„Следната битка ќе биде критична и одлучувачка“, посочи тој.
Мицокатис е на власт четири години и за тоа време успеа да ја води државата низ пандемија која ја уништи виталната туристичка индустрија. Но, поранешната „европска економска главоболка“ успеа да заживее по пандемијата и забележа економски раст од 5,9% во 2022 година.
Невработеноста и инфлацијата се намалуваат, а за 2023 година се предвидува двоен раст во однос на просекот во ЕУ, па Грција е далеку од долгот и кризата што ги имаше пред десет години.
Владеењето на Мицотакис го одбележа и скандалот со прислушувањето и страшната железничка несреќа во февруари годинава, во која загинаа 57 лица. Владата првично го обвини човечкиот фактор за несреќата, иако железницата со години страдаше поради недоволно инвестирање.
Но, ниту скандалот со прислушувањето ни последиците од несреќата не успеаја да ја намалат поддршката за конзервативците.
Грција има нов закон за избори, кој ќе почне да се применува од следното гласање. Според тој закон, победникот може да добие „бонус“ од 50 пратенички места, што би гарантирало победа на Нова демократија.
Но, левицата веројатно ќе се обиде да го промени јавното мислење со фокус на кампањата на зголемените трошоци за живот.