Стотици пожарникари се борат со огромни пожари кои принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови и уништија десетици имоти.
Можеби го направивме она што беше човечки возможно, но во многу случаи тоа не беше доволно, рече Мицотакис.
Густ чад се уште доаѓа од островот Евија, североисточно од Атина, каде гори веќе една недела.
Десетици куќи и хектари шума веќе се изгорени до темел во Евија, во предградието на главниот град и во други делови на Грција.
На стотици жители им е наредено да го напуштат островот за да избегаат од пожарите, иако некои беа решени да останат за да ги бранат своите имоти.
Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои видоа дека нивните домови или имот горат, рече премиерот Мицотакис во обраќањето.
Но, тој рече дека земјата „се соочува со природна катастрофа од невидени размери“.
Гневот на јавноста расте поради задоцнет и недоволен одговор на владата, вклучувајќи и недостатокот на авиони што испуштаат вода.
Мицотакис вели дека „сите неуспеси ќе бидат идентификувани“, но инсистираше на тоа дека пожарникарите се во битка со „натприродни сили што честопати ја надминуваат нивната сила“.
Тој ја обвини климатската криза за пожарите. Посочи дека климатската криза предизвикува „пожари кои траат со недели“. Неколку часа порано, ОН објавија голем извештај во кој се вели дека човечката активност ги прави почести екстремните временски настани.
Поттикнати од силните ветрови и најлошиот топлотен бран во Грција во последните децении, над 580 пожари избија низ целата земја од крајот на јули.
Најголемиот е на Евија, каде 650 пожарникари се уште се борат да го контролираат пожарот. Меѓутоа, се вели дека пожарите што беснееја во близина на Атина, се изгаснаа со намалувањето на температурите.
Три лица загинаа од пожарите, меѓу кои доброволен пожарникар погоден од пад на столб и работник кој минатата недела беше пронајден без свест во фабрика во близина на Атина. Третиот човек загина во понеделникот кога неговиот булдожер падна во карпа за време на пожар.
Неколку други се пренесени во болница откако вдишале чад и имаат изгореници.
Над 1.000 пожарникари, авиони и дополнителна опрема се вклучени од други земји, вклучувајќи ги државите на ЕУ, Русија, Велика Британија и САД.
ЕУ соопшти дека мобилизира „една од најголемите европски досега противпожарни операции“ за да и помогне на Грција и на другите земји во борбата против пожарите.
Мицотакис вети стотици милиони евра за поддршка на оние чија егзистенција е уништена од пожарите.