Германскиот пратеник и поранешен државен министер за Европа, Михаил Рот, повторно предизвика силни реакции на Балканот со својата најнова објава за Македонија и бугарските блокади на европскиот пат на земјава.

Во статус објавен на социјалната мрежа Икс, Рот без дипломатски ракавици ја нападна бугарската политика кон Македонија, оценувајќи дека постојаните опструкции се „глупави“, неодговорни и опасни за целиот регион.

„Глупавата опструкција на Бугарија кон европскиот пат на Северна Македонија е неодговорна и мора да престане. Тоа ја слабее ЕУ, го дестабилизира Западен Балкан и им користи само на Русија, Кина и другите авторитарни актери. Новата бугарска влада треба да се срами“, напиша Рот.

Погледнете го неговиот статус:

Рот важи за еден од најголемите поддржувачи на Македонија во германската политика. Со години јавно зборува дека Европската Унија направила неправда кон Македонија, особено по Преспанскиот договор и компромисите што земјата ги направи за да го продолжи патот кон ЕУ.

Тој во повеќе наврати предупредуваше дека доколку Брисел продолжи да ја држи Македонија во чекалница, ќе се отвори простор за влијание на Русија, Кина и други геополитички сили на Балканот.

Михаил Рот е член на германската Социјалдемократска партија (SPD) и поранешен државен министер задолжен за Европа во германското Министерство за надворешни работи. Долги години беше еден од главните гласови во Берлин за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и често ја посетуваше Македонија, отворено поддржувајќи ги македонските евроинтеграции.