На средбата Бектеши посочи дека Македонија е многу заинтересирана за унапредување на соработката со Србија во сите делови на енергетскиот сектор, а особено го истакна поврзувањето во гасниот сектор, кој е важен за диверзификација на снабдувањето со овој извор на енергија.
Министерот Бектеши истакна дека зголемувањето на билатералната соработка помеѓу Македонија и Србија е од клучна важност за растот на економиите на двете земји
Србија е заинтересирана за подобра соработка со Македонија, за поврзување со гасни интерконекции, за соработка во областа на електричната енергија и обновливите извори на енергија, изјави српската вицепремиерка Михајловиќ, соопштија од нејзиниот кабинет.
-Верувам дека нашата соработка е важна и за регионот и дека се што правиме заедно придонесува за нашата енергетска безбедност како регион. Исто така, има простор за подобрување на соработката во рамките на иницијативата Отворен Балкан, што е важно за побрз економски развој на регионот, кажа Зорана Михајловиќ.
На средбата одржана на маргините на денешниот Министерски совет на Енергетската заедница, што се одржа во Белград, се разговараше и за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји, на која беше договорено да се формира работна група предводена од претставници на надлежните министерства на двете држави.
Договорено е и во наредниот период да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу двете министерства.