Адвокатот Миланов по завршување на судското рочиште за настаните од 27 април 2017 година реагираше на потегот на обвинителката Вилма Русковска која на денешното рочиште предвидено за завршни зборови, направи измена на обвинението, а поради што одбраната на обвинетите побара одложување на завршните зборови кои судот ги закажа за 6 и за 12 јули.

– Оваа измена на обвинителен акт е само пораз на истрагата и Обвинителството и сето она што го правело во текот на истрагата. Одбраната успеа да докаже дека тоа што им се ставаше на товар од дејствија паднаа во вода и затоа сега обвинителството оди со сосема нови дејствија за кои одбраната ниту се произнела ниту понудила свои докази. Затоа, сметам дека ова е триумф на одбраната. Сега имаме сосема нови дејствија, организирање на протести. Заклучно со 28 март, месец дена пред тоа или еден ден пред отпочнување на расправата. Ако дејствијата беа дека ги организирале партиските структури, сега е дека организирале пратеници. Кој пратеник и на кој начин го организирал? И она што е суштествено, во делот на насилство и организација на насилство освен некој си план, не ги товари ниту Трајко, ниту Миле, ниту Спиро. За што зборуваме? На кој начин е сторено терористичко загрозување? Со насилство или со уметници на протест?, рече Миланов.

Обвинети во судскиот процес за настаните од 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.