Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека првата деценија од членството на Хрватска во Европската унија не ја смета за „ниту успех, ниту неуспех“ и порача дека лично ќе се бори против тоа ЕУ да стане федерација.

„Не го сакам тоа. Не сакам повторно да имаме центар на моќ“, рече Милановиќ на конференцијата организирана од Центарот за демократија и право „Мика Трипало“, пренесува Index.hr.

Милановиќ рече дека Хрватска долго чекала да стане членка на ЕУ, но не толку долго како другите земји од Западен Балкан, што тој го опиша како „некаква форма на злоупотреба и неодговорност“ кон земјите кандидати.

Хрватскиот претседател оцени дека буџетот на ЕУ е „толку мал“ што со него не може ништо да се направи освен „основање центри за иновации, изградба на неколку мостови или противпожарна станица“.

Осврнувајќи се на посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг, која ги вознемири западните сојузници, Милановиќ изрази став дека Макрон бил во право кога зборувал за поголема автономија на ЕУ.

„Сметам дека Макрон е најкалибрираниот, најразумниот и најмоќниот европски лидер“, рече Милановиќ.