Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ потврди дека ќе учествува на самитот на НАТО во јули во Вилнус за, како што вели, да се солидаризира, иако Хрватска навистина не се прашува какви одлуки ќе бидат донесени таму.
Со учеството тој сака да се солидаризира, а на средбата ќе биде донесена само одлуката за продолжување на мандатот на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
-Одиме таму да бидеме солидарни, веројатно ќе му го продолжат мандатот на Столтенберг за уште една година бидејќи има сто причини да остане што се однесува до Американците и Англичаните. Има многу причини да си замине, но не ми е гајле – рече Милановиќ вчера на одбележувањето на Денот на антифашизмот во Доње Баре, Босна и Херцеговина.
На самитот на НАТО алијансата најавен за 11 и 12 јули во главниот град на Литванија, Вилнус, покрај Милановиќ, треба да учествуваат и министрите за надворешни и европски работи, како и за одбрана, Гордан Грлиќ Радман и Марио Баножиќ.
На прашањето што се сменило од минатата година кога не сакале да учествуваат, Милановиќ одговорил дека не знае и дека таму нема да се бара од Хрватска да носи важни одлуки.
– Од протоколот знам дека лани не сакаа да одат. Тие одат таму на некаква вечера. Но, ниту тие нешто прашуваат, ниту некој мене ме прашува ништо, ниту Пленковиќ бара нешто – изјави Милановиќ, пренесоа хрватските медиуми.