Пред утрешниот последен натшпревар од квалификациската група Ц за ЕП-2024, Македонија – Англија пред новинарите се појави селекторот на „црвено-жолтите“ Благоја Милевски. Средбата која на арената „Тодор Проески“ во Скопје нема да има натпреварувачко значење за двете селекции, Македонија ги загуби шансите за позициите кои водата на завршницата од ЕП идната година во Германија, а гостинот веќе го визираше учеството, ќе се игра за престиж. Македонија која на „Олд Трафорд“ во првата пресметка од овој циклус загуби убедливо со 7:0, ќе има желба да му врати на „Гордиот Албион“.

-Ние веќе направивме многу измени во составот и во начинот на кој функционираме на самиот терен. Во циклусот во септември и ноември, со нас се нови млади играчи, сега сме во фаза на создавање на тим. Нормално е кога имате млади играчи да имате осцилации во играта со слаби и добри резултати, но овие натпревари кога играте со најдобрите во светот се шанса да ги тестирате вашите можности, вели Милевски.

Запрашан дали по завршувањето на договорот кој истекува на крајот од месецов ќе има нови разговори, Милевски вели:

-Професионално ќе ја одработам мојата обврска. Дали ќе останам на позицијата или ќе се разделиме, зависи од некој друг, и тоа прашање ќе треба да се постави на друга адреса, одговори Милевски.