Милиони деца во светот, чија имунизација беше прекината поради пандемијата со Ковид-19, особено оние од Африка, се изложени на ризик од разболување со сипаници, детска парализа, жолта треска и дифтерија, предупредуваат денеска здравствените агенции на Обединетите нации.
Британските медиуми пренесуваат дека празните одови и прекините во вакцинациите доведоа до појава на сипаници во Пакистан и Јемен и може да доведат до нови епидемии.
Во споредба со 2020 година, постигнат е напредок во обезбедувањето вакцини кои беа прекинати поради пандемијата, но повеќе од една третина од 135 земји под контрола на Светската здравствена организација (СЗО) се уште очекуваат потешкотии.
-Дури и пред пандемијата имаше загрижувачки индикации дека ќе почнеме да ја губиме трката против детските болести што можат да се спречат, но 20 милиони деца веќе доцнат со примање важни вакцини, изјави денеска извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе во заедничка изјава со СЗО и Алијансата за вакцинации ГАВИ.
Според Форе, пандемијата „лошата ситуацијата ја направи уште полоша“.
СЗО открива дека во моментов се запрени најмалку 60 масовни имунизации во 50 земји во светот, со што 228 милиони лица, главно деца, се изложени на ризик од заразување со болести што можат да се спречат. Повеќе од половината од погодените земји со овој проблем се наоѓаат во Африка.