По повеќе од четири години разделба, осумгодишниот Артем конечно повторно ја прегрна својата мајка. Момчето, кое останало во окупираниот украински град Бердјанск уште од почетокот на руската инвазија, успеало да се врати на територија под украинска контрола, каде што го пречекала мајка му Алина Сидоренко.

Разделбата започнала во февруари 2022 година, непосредно пред руската инвазија врз Украина. Алина тогаш отпатувала во Черниговската област за да заврши неодложни правни обврски, а својот три и полгодишен син го оставила на чување кај баба му во пристанишниот град Бердјанск, на југот на Украина.

Само неколку дена подоцна, руските сили го окупирале градот. Артем и неговата баба останале таму, без можност да преминат на територија под украинска контрола. Така започнале годините на разделба од мајката, која чекала повторно да го прегрне својот син.

Според украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец, операцијата за враќање на момчето траела со недели и успеала дури од третиот обид. Артем, придружуван од баба му, минал низ Белорусија и пристигнал во Черниговската област, каде што на границата го чекала мајка му.

Артем е најмладиот меѓу деветте украински деца, на возраст од осум до 17 години, кои во најновата операција се вратени во татковината од Русија и од привремено окупираните делови на Украина – Херсонската и Запорошката област и Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди нивната безбедна репатријација, соопштувајќи дека заедно со деветте деца во Украина пристигнала и нивната баба, која го придружувала својот внук, како и Анастасија, полнолетна поранешна штитеничка на домот за деца во Олешки, на која ѝ е потребна посебна поддршка.

„Денеска децата се враќаат во Украина од привремено окупираните територии, како и од Русија“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Икс“.

Тој им се заблагодари на првата дама на САД, Меланија Трамп, за помошта и посредништвото, како и на украинскиот комесар за човекови права и неговиот тим, на луѓето вклучени во државната иницијатива „Bring Kids Back UA“ и на меѓународните партнери кои учествуваат во напорите за враќање на украинските деца.

Зеленски соопшти дека досега во Украина се вратени вкупно 2.875 деца. Тој порача дека земјата не се откажува од потрагата по оние што сè уште се далеку од своите семејства.

„Се сеќаваме на сите. Правиме сè што е можно за да ги пронајдеме и да ги вратиме кај нивните семејства и најблиски“, напиша украинскиот претседател.

За Артем, по повеќе од четири години неизвесност и разделба, враќањето значи повторна средба со мајка му и можност повторно да расте покрај своето семејство.