Според некои истражувања спроведени од меѓународни истражувачки куќи, Црна Гора го дели третото и четвртото место со Србија по бројот на издадени дозволи за оружје на граѓани во светот, зад САД и Јемен, изјави утрово за ТВ Вијести црногорскиот министер без ресор и експерт за безбедност Зоран Миљаниќ.

– Ако тоа не е предупредување, тогаш не знам што е, потенцираше министерот.

Тој рече дека 52.340 граѓани во Црна Гора имаат легални дозволи за држење оружје. „Според некои истражувања направени од странски компании, во Црна Гора веројатно има меѓу 40 и 80 илјади илегани парчиња оружје, додаде тој.

Најголем проблем во Црна Гора, како што рече, се „врските и протекцијата“, односно „што некој што не е во добра здравствена состојба“ може да добие дозвола за поседување оружје.