Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ја разгледа и проследи на понатамошна постапка Предлог одлуката за формирање на анкетна комисија за случајот на клиниката за онкологија.
Антонио Милошоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на Одлуката во своето излагање посочи дека скандалот кој се случи на клиниката го загрозува членот 39 каде е запишано дека секој граѓанин има право на здравствена заштита.
-Со ова се гледа дека правото не само што не било испочитувани, туку било и злоупотребувано, истакна Милошоски.
Додаде дека овој скандал доведува до пад на довербата во здравството. Според него треба во најбрз можен рок да се утврди политичка одговорност.
– Политичката одговорност ќе има дополнителна корист, оти во овој момент има паушално жигосување на здравствените работници кои немаат врска со случајот, а се грижат за своите пациенти. Не би требало другите здравствени работници да бидат жртви на ваков скандал, истакна Милошоски.
Пратениците од СДСМ пак, посочија дека е недозволиво опозицијата да го политизира овој случај и побараа целата постапка за утврдување одговорност да биде објективна и транспарентна и за сите потенцијални сторители на кривични дела секоја постапка да има епилог.
Според предлогот Комисијата треба да биде составена од 13 членови од кои мнозинството да биде од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ шест членови, четири од СДСМ, два члена од ДУИ и еден од Алијанса.