Сметаме дека ова е скандалозен чин со којшто по којзнае кој пат се злоупотребува европското знаменце за теми кои немаат никаква унифицирана регулатива во Европската унија. Заев и Ахмети четири години ги лажат граѓаните дека од државата ќе направат европска Македонија за со овој предлог закон за трговија со дрога да направат Македонија да биде Колумбија со Европа, земја во која трговијата со дрога онака како што правеше началникот на МВР во Прилеп, ќе стане легален бизнис на семејството Заеви и на неговите коалициони партнери – истакна денеска на прес конференција Антониот Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.
Зошто овој закон е скандалозен, не само заради европското знаменце, туку и заради тоа што премиерот ја приватизира Владата за носење на закони кои значат бизнис профит за неговото потесно семејство. Најголемиот дел од бизнисот со садење на марихуана, и веројатно и продажба на црно на таа марихуана во Македонија го водат Трајче Заев, Бобан Заев и Радиша Заев и многу неформални плантажи кои не гласат на нивна сопственост се управувани од овие луѓе.
-Затоа сметаме дека со ваквиот предлог закон само ќе има зголемен профит за фирмите „МАМ“ Свети Николе и за фирмата „Фарма Медикал“ од Валандово коишто се во директна сопственост на блиската фамилија на Заев. Тоа значи дека во Македонија ќе почнат да владеат картели, младината ќе стане се поподложна на психотропни супстанции, врз младите ќе прават профит овие фамилијарни блиски пријатели на Заев, а земјата ќе стане едно пристаниште и магнет за нелегалниот бизнис со дрога со кои што се занимаваат луѓе како Седат Пекер , Биг Мајк и сите оние 215 нарко мафијаши од светски размери кои добија македонски пасоши со лажен идентитет – истакна Милошоски.
Затоа ВМРО ДПМНЕ апелира и до Делегацијата на Европската унија и во Европската комисија во Брисел, да го стопираат ваквото злоупотребување на европското знаменце за приватните бизнис интереси на Заев и на Ахмети.
-Владата во изминатиов период покажа дека европското знаменце го третира само како една валкана крпа со којашто ги покрива криминалните предлог закони коишто за Заев и Ахмети значат бизнис профит, за Македонија значат губење на имиџот, а за младината голема штета и ризик – рече Милошоски.