Криминални индикации и сериозни проблеми во студентските домови

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, најави конкретни мерки за решавање на состојбите во студентските домови, истакнувајќи дека постојат сериозни индикации за неправилности и можен криминал.

„Ќе преземеме соодветни чекори за утврдување на одговорноста на претходните директори,“ изјави Јаневска, посочувајќи ги наодите за долгови и лоши услови во студентските објекти.

Во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, според министерката, ситуацијата е алармантна. „Нема топла вода, нема храна, а вработените не примале плати. Долгот изнесува 34 милиони денари,“ рече таа. Владата интервентно издвоила 5 милиони денари за исплата на платите и здравствено осигурување, со што е спречен целосен колапс на домот.


Неправилности со јавни набавки и уништени објекти

Јаневска откри пример на финансиска злоупотреба, при што директор на студентски дом купувал пилешко месо по цена од 570 денари за килограм, иако неговата пазарна цена била двојно пониска.

„Студентите се жалеа дека, и покрај ваквите набавки, добиваат недоволна количина на храна,“ истакна министерката.

Условите во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес се исто така крајно незадоволителни. Само 100 од вкупните 300 легла се пополнети, бидејќи повеќето соби и санитарни јазли се во целосно руинирана состојба.

„Ми е срам од она што го видов таму. Ова е директна последица на небрежноста на претходната власт,“ додаде Јаневска.


Напредок за пет месеци

Според министерката, за само пет месеци сегашната Влада постигнала повеќе во подобрување на студентскиот и ученичкиот стандард отколку претходната во седум години.

„Продолжуваме да работиме напорно, чекор по чекор, за да ги обезбедиме потребните средства и да ги подобриме условите за младите,“ нагласи Јаневска, ветувајќи посветеност на студентските интереси.