Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на Фејсбук им се заблагодари на сите што учествуваа во вчерашната акција во Струмица и во други градови во земјава за откривање финансискиот криминал и додава дека со акцијата покажале дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Притоа таа открива дека лично учествувала во претресите во Струмица, нешто што досега не е забележано, односно министер лично да учествува во ваква истражна акција.
-Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија.
Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП.
Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Продолжуваме посветено и одговорно за доброто на сите, напиша министерката на социјалната мрежа.