Поранешниот пратеник Илија Димовски преку социјалните мрежи отвори дебата за историското наследство поврзано со цар Самуил. Тој ги доведе во директна врска актуелните случувања со одредбите потпишани во Преспанскиот договор и меѓудржавните протоколи со Бугарија.

Според Димовски, правните и дипломатските последици со кои се соочува државата произлегуваат од претходно преземените меѓународни обврски. Тој смета дека одговорноста за ваквата положба треба да се бара исклучиво на домашната политичка сцена.

Димовски се повика на одредбата од Преспанскиот договор со која двете страни прифатија дека термините „Македонија“ и „македонски“ означуваат различен контекст и културно наследство.

„За Цар Самуил, бељата е дома, не треба да се лутиме на други. Погубните договори ја наплаќаат цената. Со првиот документ, со Преспанскиот договор, ние сме се откажале од било какво наследство од територијата на егејска Македонија“, вели Илија Димовски.

Тој го издвои и Протоколот од првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија од 10 јуни 2019 година, каде Самуил е дефиниран како владетел на царство кое поголемиот дел од историската наука го смета за бугарско со центар на територијата на денешна Македонија.

Според неговите тврдења, македонските институции сега немаат формален правен инструмент да реагираат на прашањата за посмртните останки и новиот надгробен споменик, посочувајќи дека документите биле потпишани од иста гарнитура и парламентарно мнозинство.