„Јас нема да оперирам срце, ќе создадам систем кој функционира“
Новиот министер за здравство, Азир Алиу, на својата прва прес-конференција по стапување на функцијата, ја објасни својата мисија и визија во здравството. Како доктор по информатички науки, тој подвлече дека не е лекар кој врши операции, туку менаџер кој ќе создаде системи што овозможуваат медицинските работници да функционираат соодветно, ефикасно и без доцнења.
„Јас сум доктор по информатички науки, не сум лекар, но позицијата што ја имам е менаџерска. Јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Ќе креирам системи за да може кардиологот да оперира срце во реално време со добри инструменти и да нема листи на чекање. Дигитализацијата е најдобар начин за подобрување на условите за лекување и само така може да се добие реална слика за пациентите кои чекаат термин за операција или терапија“, рече Алиу.
Бесплатни прегледи за лица над 40 години и онлајн платформа за превенција
Министерот Алиу најави и создавање на дигитална платформа за онлајн пријавување на граѓаните во рамки на програма за превентивен скрининг. Целта е сите лица над 40 години да можат бесплатно да направат здравствени прегледи. Со тоа ќе се намали ризикот од сериозни болести.
„Ќе направиме платформа за онлајн пријавување на сите граѓаните заради превенција. За 30-40 отсто се намалуваат ризиците од потешки заболувања ако навремено се откријат“, посочи тој, додавајќи дека реализацијата ќе оди поетапно: „Ова не е нешто што од утре ќе почне, туку ќе се изработи програма за скенирање на здравјето на граѓаните“.
Посебен фокус на Кочани и нови тимови за кризни ситуации
Азир Алиу исто така најави дека првиот приоритет во здравството ќе му биде состојба во Кочани. Здравствените власти по трагедијата со пожарот во дискотеката „Пулс“ добија полни раце работа. Алиу утре ќе оствари средба со директорката на болницата, а ќе разговара и со пациентите повредени во несреќата.
Дополнително, тој најави формирање работни групи за управување со кризни ситуации. Ќе има нов капацитет кој досега не постоел, но кој е неопходен за брза и ефикасна реакција во идни случаи.