Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека уште од првиот момент бил активиран државниот механизам.

-За жал, ја имаме информација за загубата на еден наш сограѓанин. Се чини дека досега немаме заглавени граѓани. Оние кои беа заглавени се пренесени во болница, а здравствените власти се справија со проблемите. Надлежни единици на Министерството за инфраструктура веќе започнаа контроли и доколку е потребно, дополнителни сили ќе заминат на Крит. Целиот државен механизам е на готовност, како и сите надлежни министерства, во рамките на нивните одговорности, за да им помогнат на локалните власти и да помогнат во санирањето на штетата и справување со било какви негативни последици, рече Иконому.

Од Министерството за цивилна заштита на Грција соопштија дека веднаш бил спроведен соодветниот план во случај на земјотреси и активирани сите сили на цивилната заштита, противпожарната служба, полицијата, брзата помош, службите на локалната самоуправа, а на островот заминала и единици од Секретаријатот за справување со последиците од природни катастрофи од Министерството за инфраструктура.

Со наредба на началникот противпожарната служба на Грција, со два авиони од Атина за Крит заминаа и припадниците на два тима на специјалната единици за справување со катастрофи со специјална опрема за спасување, кучиња и дронови.

Од противпожарната служба соопштија дека нивни возила патролираат во деловите каде што се случи земјотресот.