Владата конечно ја „одглави“ алатката за службени трошоци на владините функционери, по која може да се види дека сите владини функционери заедно во 2021,без последниот месец декември како неевидентиран, потрошиле 16,5 милиони денари за службени трошоци.
Тоа, како што објави Фактор, е повеќе во однос на една година претходно кога трошоците не биле ниту полни 15 милиони денари. Сумата од 2021 е речиси иста како предпандемиската 2019 година.
Бојан Маричиќ, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции, направил убедливо најголеми трошоци од сите останати владини функционери со потрошени 816.000 денари за 11 месеци во 2021 како тогашен министер за правда.
На сметка на буџетот, потрошил 213.000 денари за авионски патувања. На аеродромите користел и вип-салон за 7.500 денари. Нарачал оброци за 163.000 денари во приватните угостителски објекти, а во државните, кои знаеме дека се многу поевтини за функционерите, пријавил 92.000 денари. Ручеците во странство Маричиќ ги платил 69.000 денари.
Сепак ако се гледа посебно само службените сметки во рестораните во земјата, убедливо пред Маричиќ е Бујар Османи со 336.000, Артан Груби со 272.000 и Никола Димитров со 185.000 потрошени до декември 2021. Тука некаде во оваа категорија со Маричиќ е и Насер Нуредини.
Барабар со Маричиќ е и Насер Нуредини како министер за животна средина со 873.000 денари, многу повеќе од една година претходно на истата функција. Она што е забележително за него е што добил убедливо најмногу од сите други членови на Владата за дневници, 55.000 денари, а за хотелско сместување во странство му биле потребни дури 311 илјади. Не му биле евтини ниту угостителските услуги во приватните ресторани каде поарчил 117.000 денари.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во однос на претходните години најмногу потрошил за авиобилети во 2021 (976 милиони) и 472 милиони за хотелски сместувања, но природата на неговата функција е таква што неговите трошоци може да се каже дека се пооправдани. Убедливо најмногу потрошил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, над 1,2 милиони денари.
Следен по трошоци е министерот за земјоделие Љупчо Николовски со 757.000 денари како вицепремиер за борба против корупцијата, а половина од тие пари се потрошени за настаните во државните мензи и бифеа.
Петти е Крешник Бектеши со 610.000 денари, што може да се каже дека 2021 е една од неговите поскромни години како министер за економија. Но, ланската година се истакнал по тоа што многу сакал да се гости по вип-салоните на аеродромите каде што потрошил 76.000 денари.
На шестото место е Јетон Шаќири, министерот за образование, кој како министер за информатичко општество и администрација потрошил 415.000 денари, од кои поголемиот дел за закуп на стан.
Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 70.000 денари како заменик-министер за финансии во текот на 2021 и тоа за трошоци за мобилен телефон и за услугите на државните мензи и бифеа.
Првиот вицепремиер Артан Груби се мезел во надворешни ресторани за 272.000 денари, речиси за двојно повеќе од една година претходно, а при тоа во 2021 треба да се знае дека недостасува последниот месец од евиденцијата. Вкупните трошоци му се 376.000 денари.