Во заедничка изјава со министрите за здравство на Г7, американскиот секретар за здравство и човечки услуги Ксавиер Бесера ги осуди нападите на Путин врз здравствени установи и работници во Украина.
„Намерното насочување напади врз цивили и цивилна инфраструктура, вклучително и здравствени установи и работници, го прекршува меѓународното хуманитарно право. Здравјето мора да остане приоритет, здравствените работници да бидат заштитени за да можат да пружат итна помош за спасување животи, а здравствените системи и установите да бидат заштитени за да останат достапни за сите на кои им се потребни“, се вели во соопштението на министрите за здравство.
Министрите предупредија дека здравствениот систем на Украина е под „значителен притисок“ и рекоа дека се загрижени поради тоа што хуманитарните организации не можат да достават медицинска помош на оние на кои им е потребна.
Најмалку 12 лица загинаа, а 34 лица се повредени во најмалку 43 напади врз здравствени установи во Украина, изјави минатата недела генералниот директор на Светската здравствена организација, д-р Тедрос Аданом Гебрејезус.
Во меѓувреме, министерот за здравство на Украина Виктор Лиашко рече дека медицинските работници во неговата земја треба да носат панцир.
Лиашко рече дека шестмина медицински лица биле убиени од руските сили, а врз 58 амбулантни возила било пукано од почетокот на војната.