Инвестициите во безбедноста се клучни во услови на засилени глобални закани

Македонија го достигна прагот од 2% од БДП за одбраната, што претставува еден од централните предизвици за земјите членки на НАТО. Министерот Владо Мисајловски оцени дека ова прашање доминира на министерските состаноци, бидејќи многу држави се соочуваат со сериозни буџетски и политички притисоци за да го исполнат стандардот.

Тој нагласи дека безбедносната средина станува сè понеизвесна. Затоа, според него, неопходно е континуирано модернизирање на арсеналот и опремата.

„Ова е можеби најважното прашање на министерскиот состанок на сите министри за одбрана во НАТО, каде што секоја земја има потешкотија да стигне до 2 проценти. Шпанија е една од поголемите земји, навистина има потешкотии. Некои земји мораат да се откажат од многу работи во своите влади, каде што им се намалува рејтингот поради тие причини … Мораме да гледаме што се случува на глобалната слика, да гледаме дека секоја една земја сè повеќе и повеќе се наоружува и ние мораме постојано и арсеналот, и опремата, и муницијата, и нови, би рекол, оружја да купуваме следниот период, и тоа ќе го правиме“, рече Мисајловски.

Западен Балкан и улогата во КФОР

Министерот истакна дека прашањето за стабилноста на Западниот Балкан редовно го отвора на меѓународните средби. Регионот, според него, останува изложен на хибридни влијанија и различни безбедносни ризици.

Посебно внимание посвети на мисијата КФОР. Нагласи дека присуството на припадниците од земјава е значајно за регионалната стабилност.

„Секогаш ја отворам темата за регионот Балкан, би рекол Западен Балкан, она што се случува со нашата мисија, поготово во КФОР, нашите припадници што се таму, колку е важно да продолжи таа мисија … Ние како институција, односно Министерството за одбрана и Армијата, можеби сме најдобар пример како имаме однос со сите соседи, зборувам во делот на она што е директно преговарано и разговарано, меѓусебно помагање, дали се работи за некоја непогода, дали се работи, еве, за трагедија, секогаш соседите ни помагаат, апсолутно и ние на нив“, рече Мисајловски.

Европска безбедносна политика и стабилноста дома

Осврнувајќи се на европските интеграции, министерот посочи дека проширувањето предолго трае. На европските форуми, рече, се слушаат пораки дека одредени земји треба побрзо да напредуваат кон членство.

Тој истакна дека земјава веќе искористила значителни средства од Европскиот мировен фонд. Според него, тие средства ќе бидат вложени во нова и современа опрема.

„Ние, да сме внатре во Европската униија, многу други мерки ќе можеме да ги користиме. Да се пофалиме и како држава, сме искористиле доста средства од Европскиот мировен фонд, односно директно од Европската униија, зборувам за над 50 милиони евра, што директно ќе влезат во нова опрема, многу различна опрема што ни помага во овој период“, изјави Мисајловски.

Во однос на внатрешната состојба, министерот оцени дека безбедносната слика е стабилна. Тоа, како што рече, се темели на редовни брифинзи и анализи.

„Од дневните брифинзи што ги добиваме од различни институции, но и сублиматот за нашата борбена готовност, врз основа на тие аргументи, јас можам во тој период, се разбира и сега, да кажам дека ние имаме добра безбедносна состојба во државата“, рече министерот.

Тој предупреди дека постојат сајбер и хибридни закани. Додаде дека внимателноста мора да остане висока и во наредните години.