ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со сите поголеми опозициски партии, и секако дека поддржува секаква искрена иницијатива која е во насока на рушење на оваа власт која е рекордер по инфлација, сиромаштија и криминал, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски денеска одговарајќи на новинарско прашање како го оценува предлогот на Билал Касами прво да има предвремени парламентарни избори, а потоа уставни измени.

Мисајловски истакна дека неминовно е да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи состојбата во државата станува се по алармантна и подраматична бидејќи Македонија е заглавена во криминал, корупција, како што рече најдобро би било Ковачевски сам да се повлече и да не прави дополнителни штети на државата.

За секое подетално сценарио кое би било во таа насока во овие моменти би се воздржале од јавно коментирање затоа што тоа содржи детали околу кои сите политички чинители кои посакуваат промени и треба сите да се согласни за ова да се случува, рече тој.

Сметаме дека вонредните избори во годината што следи се неминовност затоа што состојбите се алармантни и ќе бидат уште подраматични состојби. Имаме заглавена земја во корупција, криминал и економска криза, држава без преговори со ЕУ, и со бројни условувања истите да почнат. Најдобро ќе биде Ковачевски сам да си се повлече и да не ја загрозува дополнително државата. Наместо да слугува на ДУИ, добро е да почне да служи на народот. Затоа би кажал дека е неминовно да има избори следната година и тоа ќе се случи, изјави Мисајловски.