Причина за прекинот – пукната цевка од висок притисок

Скопјани утрово повторно имаат вода, но со намален притисок, откако вчера пукна главна водоводна цевка во населбата Влае, што предизвика прекин во водоснабдувањето на голем дел од градот. Инцидентот се случил на крајот од улицата „Франце Прешерн“, во делот покрај реката Вардар, каде асфалтот е целосно распукан и пропаднат, пренесува Телма.

„Мислевме дека е земјотрес“ – сведочење на жител

„Одеднаш слушнавме силна експлозија и земјата се затресе. Излегов надвор и видов дека улицата експлодирала, а асфалтот летал на сите страни. Пукнала цевката од притисок. Овде секојдневно минуваат тешки камиони за изградба на згради, па беше прашање на време кога ова ќе се случи“, изјави жител на Влае за МИА.

Поради дефектот, без вода или со ослабен притисок останаа бројни делови од градот – Влае, Карпош, Тафталиџе, Козле и делови од Центар.

Реакција од „Водовод и канализација“

Од јавното претпријатие соопштија дека експлозијата била предизвикана од краткотрајни прекини на електричната енергија во регионот на бунарите кај Лепенец, што предизвикало варијации во притисокот на пумпниот систем.

„Како резултат на овие прекини, настанаа два дефекти истовремено – на главната водоводна линија Ф-600 и во шахта на Ф-400 на еден од бунарите. Нашите екипи веднаш интервенираа и водоснабдувањето постепено се стабилизира, за да се избегнат нови дефекти и дополнителни оптоварувања на системот“, соопштија од „Водовод и канализација“.