Исто како и во 2019 година кога Заев проектираше ист ваков лажен пакет инвестиции вреден 5 милијарди евра, пак ги ветуваше истите патишта, истите, енергетски проекти, болници, клинички центар, училишта, водоводи, прочистителни станици, железници. Но, во реалноста од овие работи има едно големо НИШТО поради неспособноста и неработењето, истакна Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ги потрошија историски најголемите буџети во Македонија и ја задолжија државата со нов долг, а не направија никакви капитални инвестиции. Реализацијата на капитални инвестиции од почетокот на оваа година заклучно со месец мај изнесуваат само 22%, што значи дека и оваа година е уште една во низата на промашени години со катастрофално ниска реализација на проекти. Ова значи дека сите ветувања на Заев за инвестиции во инфраструктурата му се како лажното ветување дека ќе изгради 500 километри нов автопат, рече Митева.

Митева додаде дека никој не сака да инвестира во земја која е водена од најкорумпираната влада во Европа.

– За да се обиде да биде поубедлив во лагите, Заев вчера почна да се расфрла со странски инвестиции и јавно-приватни партнерства, исто како што пред неколку години ги ветуваше инвестициите на Гугл, Фејсбук и Фолксваген. Патем изминатите години Македонија е на дното по странски инвестиции во регионот. Минатата 2020 година ја завршивме со 239 милиони евра, за разлика од Албанија и Србија кои имаат 4, односно 10 пати повеќе инвестиции од нас. И кај нас и кај нив беше криза, само што кај нас имаме неспособна и корумпирана власт поради која сите не избегнуваат. Состојбата беше слична и во 2019-та година, кога имавме 360 милиони евра СДИ, а Албанија и Србија имаа 4, односно 13 пати повеќе инвестиции. Причината е јасна, никој не сака да инвестира во земја која е најкорумпирана во Европа и која ја води најкорумпираната влада, додаде таа.

Народот гледа, подвлекува таа, и знае дека ова што Заев го ветува не може да го исполни, туку само ја замајува јавноста со милијарди евра, со инвестициски пакети и слични лаги, само за да дефокусира од криминалните и корупциски афери кои се врзуваат за него и неговата влада.

-Тој покажа дека единствено што може од милијарди е да го покачи долгот на државата и да „стопи“ буџетски пари, а ништо да не направи, заврши Митева.