„ВМРО-ДПМНЕ не е против изградба на Клинички центар. Но, ВМРО-ДПМНЕ е против изградба на Клинички центар кој што се темели на физибилити студија која што брои 40-тина страни, во која што нема јасно детектирани проекти. И сметам дека за едно вакво важно прашање опозицијата и власта треба да имаат дијалог и треба да разговараат“,истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за „Утрински Брифинг“.
Митева додаде дека претседателот Мицкоски на лидерската средба со Зоран Заев го достави предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кој што го има за Клинички центар, а тоа е да се реновира веќе постоечкиот и да се изгради Ургентен центар кај болницата „8-ми Септември“ со што ќе се направи болница за КОВИД лекување.
„Земјите во регионот можеби имаат изградено 2-3 КОВИД болници, а ние сме сведени на модуларни болници во кои што немаме легла за нашите пациенти, а уште помалку имаме вистинска инфраструктура за справување со КОВИД-19 болницата. А, дополнително болниците во Штип, Битола и Тетово да станат Универзитетски клиники“, рече Митева.
Митева посочи дека тие невистини кои што се пласираат од страна на СДСМ одат на штета на граѓаните.
„Во Собранието не станува збор за Закон за Клинички центар туку станува збор за Законот за јавни набавки кој што е од три члена и кој што треба да се промени во врска со Клиничкиот центар“, нагласи Митева.
Митева додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да биде против изградба на Клинички центар.