Популарната српска пејачка Јелена Карлеуша, која вчера беше најавена како главна музичка ѕвезда на Тиквешки гроздобер 2022, и требаше да пее на градскиот плоштад во Кавадарци на 11-ти септември, сепак нема да ги забавува присутните.

По голем број на реакции од кавадарчани, кои на социјалните мрежи се изјаснија дека не ја сакаат Карлеуша во нивниот град, посебно не на традиционалната општинска манифестација, Локалната самоуправа решила да го откаже нејзиното гостување.

-Голотија, кич, музика без културна вредност – беа најчестите коментари на темата кои ги објавуваа граѓаните.

-Ние сме транспарентна општина која секогаш го слуша гласот на народот. Овој празник е на граѓаните, тие имаат апсолутно право да кажат кого би сакале да го слушаат и гледаат за време на гроздоберот.

Од реакциите кои следеа во тек на вчерашниот ден, заклучивме дека нема расположение за Карлеуша, па поради тоа го откажавме нејзиниот настап – за ,,Фокус” открива градоначалникот Митко Јанчев.

Тој вчера појасни дека нејзиниот хонорар изнесувал 35.000 евра, а голем број на музички ѕвезди со кои се преговарало не биле слободни за време на манифестацијата, додека пак некои повеќе сакале да настапуваат во клубови, отколку на настани на отворено.

Инаку, Тиквешки гроздобер ќе се одржи од деветти до 11-ти септември, а во текот на тридневната манифестација предвидени се голем број на културни и забавни настани, како и гостувања на повеќе музички гости.
Јелена Карлеуша наредниот период има настап во Битола, во казино, а пак изминативе две години во неколку наврати настапи во клуб во Охрид.

Таа беше главна музичка ѕвезда на дочекот на новата година во Белград, каде пееше пред стотици илјади народ и направи спектакуларно шоу со модерниот сценски настап. Сепак, кавадарчани се изјаснија дека не им е ,,по мерка”, а дополнително ќе биде објавено која музичка ѕвезда ќе пее наместо Јелена на 11-ти септември во градот.